Најнови вести

Анѓушев: Нема да трошиме на споменици, инвеститорите нема да се спогодуваат со власта

14 ноември 2017, 20:16 | Newsroom
Анѓушев: Нема да трошиме на споменици, инвеститорите нема да се спогодуваат со власта
Економија

Нема да трошиме на споменици, туку ќе градиме. Секој инвеститор однапред ќе знае каква поддршка може да очекува од Владата, без да мора да се спогодува со претставници на власта. Ова го рекол вицепремиерот Кочо Анѓушев кој денеска се обрати на панелот „Македонија – вртење на нова страница“, кој се одржа во рамките на „Трансатлантскиот економски форум – Градење мостови на Медитеранот“.

Повикувајќи ги инвеститорите од САД да вложуваат во земјава, Анѓушев рекол оти главна цел на Владата е да создаде стабилно бизнис опкружување за инвеститорите како и правна рамка со која секој инвеститор ќе може да биде сигурен дека неговата инвестиција е заштитена и дека законите важат за сите подеднакво.

„Владата преку програмата за економски раст ќе работи на поддршка на унапредување на технолошките и производствените процеси на компаниите, со цел да станат поконкурентни пред се на меѓународните пазари. Основната цел е да се подигне стандардот на нивното работење и да им се овозможи осовременување и модернизирање на постоечките капацитети и истите да може своите производи да ги пласираат на меѓународни пазари или да станат доверливи и сигурни добавувачи на светски познати компании. Ќе работиме на поддршка на домашните и странските компании, малите, средни и големи компании, резултатите од таа поддршка ќе се рефлектираат преку нови работни места, повисоки плати и зголемен извоз“, рекол вицепремиерот.

За причините поради кои Владата добва голема поддршка од граѓаните и меѓународната заедница, вицепремиерот посочил дека се транспарентни и дека одлуките ги носат со консултации.

„За сите прашања, особено за оние најсуштинските, се консултираме со експертите, науката, меѓународната заедница и со пошироката јавност. Второ, цврсто решивме Македонија да биде алка на соединување на земјите на Западен Балкан, а не камен на спрепнување.  И трето, доста трошевме пари за споменици. Нам ни требаат инвестиции во инфраструктура во патишта, железница, гасификација. Спомениците не носат напредок, без инфраструктура нема просперитет.“

Анѓушев зборувал и за политичката ситуација во земјата и стабилноста и посветеноста за реформи по изборите.