Најнови вести

Драган Бјелогрлиќ: Ние на Балканот живееме во трилер, а тој жанр е најмалку присутен во балканската кинематографија

12 октомври 2017, 16:30 | Наташа Илиевска-Таневски
Драган Бјелогрлиќ: Ние на Балканот живееме во трилер, а тој жанр е најмалку присутен во балканската кинематографија
Култура

„’Сенки над Балканот’ ќе почне да се емитува на 22 октомври на Македонската телевизија во 20,15 часот“, најави режисерот, актерот и сценарист на ТВ серијата

„’Сенки над Балканот’ ќе почне да се емитува на 22 октомври на Македонската телевизија во 20,15 часот“ изјави Драган Бјелогрлиќ, режисер, актер и сценарист на ТВ серијата чие емитување започнува, како што посочи тој „во исто време и во Србија, БиХ, Црна Гора, Словенија, односно во пет земји на пет јавни сервиси“. „Првата сезона на серијата ќе се прикажува во 11 епизоди во 10 термини, бидејќи првата е дупла епизода“, додаде Бјелогрлиќ на денешната средба со новинарите во хотелот „Холидеј Ин“ каде заедно со дел од екипата на „Сенки над Балканот“ ја промовираше серијата. Инаку, првата дупла епизода од оваа серија беше прикажана вчера на фестивалот „Киненова“, но и минатиот месец на „Браќа Манаки“ во Битола.

„Уште на почетокот тоа беше идејата, серијата да почне да се прикажува во исто време во целиот регион, што првпат се случува по 90 –те години, од распадот на Југославија“, рече Бјелогрлиќ посочувајќи дека „серијата, освен во Хрватска ќе се прикажува во сите екс Ју држави“.

„‘Сенки над Балканот’ е една приказна која е типична за овој наш дел од Европа, дејство кое се случува меѓу двете светски војни, а има и делови во кои се споменува Македонија, преку опиумскиот пат и картелите за дрога“, истакна првиот сценарист на ТВ серијата Дејан Стојиљковиќ, посочувајќи дека тоа е „приказна за кралството СХС, кое било во голема криза бидејќи кралот Александар не успеал да ја среди ситуацијата во која се наоѓала државата, а тоа е дека имал држава во држава“.

„Во серијата имаме приказни поврзани за ВМРО, за принцот Ѓорѓе Караѓорѓевиќ, имаме приказни на едно микро, и на едно макро ниво, и се занимаваме со потресите кои се случуваат во целото општество, но и со обичните луѓе, кои за мене како писател се важни“, рече Стојиљковиќ кој посочи дека „идејата била двајцата полицајци и главни ликови да упаднат во тој вртлог на приказната која е многу поголема од нив и секој да се избори со неа на сопствен начин“. „Имаме елементи и нитки во серијата кои се многу различни, како белградските благородници, но имаме и луѓе од село Буково во Македонија, различни слоеви и сцени на кои се одвива целата приказна“, додаде сценаристот Стојиљковиќ кој смета дека „Сенки над Балканот“ на продукциско ниво е рамна на оние светски серии кои ги гледаме на ХБО или ББС.

„Сите општествени процеси, сите трагедии кои се случуваат на лично ниво на ликовите во серијата се последица на големата војна (Првата светска војна) и сè што се случило во неа оставило голема лузна на сите балкански народи. Тие сенки кои симболично се надвиваат над Балканот имаат неверојатно поврзување со сегашноста“, посочи Дејан Стојиљковиќ, кој вели дека „Балканот како да поминува низ истите случувања како и во минатото, и како сè да се случува во круг“. „За разлика од други народи кои учат од своите грешки, мое мислење е дека балканските народи не учат, а историјата е строга учителка“.

Вториот сценарист Владимир Кецмановиќ , пак, рече дека основна карактеристика на серијата, односно тоа што ја прави интересна е синтезата на она што се нарекува епоха и самиот жанр, а тоа е трилер и езотерија. „Таа комбинација на историските настани со замисленото е нешто што мислам дека на овие простори не е видено, а особено врвната продукција која е над стандардите кои сме ги виделе првпат во рамки на она што политички се нарекува Западен Балкан“.

Српската актерка Марија Бергам која го глуми ликот на Маја Давидовиќ, пак зборуваше за женските ликови кои во серијата се фиктивни, а кои според неа „на начинот на кој се третирани се сложени, длабоки, инспиративни и одлично напишани“.

Македонската актерка Јана Стојановска во серијата го толкува ликот на Јована. „Јована е македонска револуционерка, жесток и интензивен лик, атипична жена која се бори за своите ставови, политички мислења и цели и симболизира силна македонска жена“, рече Стојановска.

И македонскиот актер Петар Арсовски, кој го глуми ликот на газда Киро, присуствуваше на средбата со новинарите. „Бев многу изненаден од случките и настаните кои се случиле меѓу двете светски војни, бидејќи овој период и во историјата и во литературата не е многу обработен“, истакна Арсовски.

Како што најави Драган Бјелогрлиќ, планирано е серијата да има три сезони. „Веројатно за кратко време ќе почнеме да го пишуваме продолжението на втората сезона чие дејство треба да се случува во 1934 година па да заврши со убиството на кралот Караѓорѓевиќ. Снимањето би било на лето, а на крајот на идната година би почнало и емитување на втората сезона. Доколку пак дојде до трета сезона, таа би се занимавала со крајот на 30 години на минатиот век и почетокот на Втората светска војна“, додаде Бјелогрлиќ, посочувајќи дека „во првата сезона се воведени ликови како нацисти, советски комунисти, и ВМРО, и кралската династија, но секако и малите луѓе кои се најважни бидејќи во сите тие околности тие пробуваат да преживеат“.

„Инспирација за серијата ни ја даде историјата и сите настани кои се случувале тогаш. Само да почнете да гледате по весниците ќе видите колку криминал постоел тогаш, и сè што тогаш се случувало, да нема ни потреба нешто да се измислува“, додаде сценаристот Владимир Кецмановиќ посочувајќи дека „во серијата може да се појави и ликот на Иво Андриќ, бидејќи тој е многу интригантен лик, масон и значајна личност во дипломатијата и политиката“.

Запрашани за соработката со македонските копродуценти на серијата, продукцијата „Скопје филм студио“ и Македонската радио и телевизија, Бјелогрлиќ истакна дека „приказната во која е позиционирана Македонија била и претходно напишана, и пред да се договорат со македонските копродуценти“. И како што рече српскиот актер и режисер „ние секако ќе продолжиме да се занимававме со македонската линија во приказната, бидејќи ВМРО го уби кралот Караѓорѓевиќ, но во кој процент ќе се занимаваме, дали тоа ќе биде 10 или 40% ќе зависи заинтересираноста на македонските копродуценти“.

„Балканот е многу поинтересен од другите делови на Европа, само до сега таа негова специфика не знаевме да ја прикажеме и пласираме на вистинскиот начин“, рече Бјелогрлиќ кој посочи дека „до сега во филмовите доминирале мрачните и социјалните теми кои никој не сакал да ги гледа“. „Балканот има своја друга страна, и како Јужна Америка, многу е интензивен и контроверзен и доколку од таа страна се перципира ќе биде интересен не само за нас, туку и за целиот свет“.

„Иако ние на Балканот живееме во трилер, над 100 години, тој жанр е најмалку присутен во балканската кинематографија“, додаде Бјелогрлиќ истакнувајќи дека во серијата има неколку модели на ликови „вистински историски ликови, потоа ликови кои се инспирирани од историски личности и потполно измислени ликови“.

Серијата освен на локации во Србија (Белград, Војводина и во студио), била снимана и во Битола, како и во делови на Босна и Херцеговина, а во однос на актерската екипа играат глумци од целиот регион, како и од Русија.