Најнови вести

Една недела по Градежен, колку Дебар Маало е подготвено за нов пожар (фотогалерија)

15 ноември 2017, 17:45 | Бојана Нојиќ
Една недела по Градежен, колку Дебар Маало е подготвено за нов пожар (фотогалерија)
Македонија

Минатата недела изгореа дел од горните катови на Градежниот факултет во Скопје, а интервенцијата на терен од страна на пожарникарите беше отежната поради паркираните возила во околината на објектот

 

Со урбанизацијата на главниот град целосно се промени неговиот лик. Старите скопјани паметат едно поинакво Скопје кое „дишеше“, а денешните и идни генерации ќе се соочат со една поинаква слика, благодарение на големиот број згради изградени низ централните населби на градот, со што не само што се изгуби автентичноста, се направи вистински хаос.

Тесни улички, непрописно паркирани автомобили, луѓе кои одат по улицата наместо тротоарите кои се зафатени од возила, згради изградени една до друга, некаде оставена куќа во средина која никогаш нема да го види светлото на денот… ова е реалната и тажна слика на денешно Скопје.

Дебар Маало е една од постарите скопски населби, која секојдневно е блокирана од големиот број автомобили паркирани пред кафулињата, кои речиси ги има на секој чекор. Ваквите ситуации се секојдневие и без разлика што пајак службите интервенираат на терен, тешко се менува менталитетот на луѓето.

 

Сепак пожарот во Градежниот факултет во Скопје, кога изгореа три кабинети на професори за жал покажа дека токму таквите навики се пречка за побрза интервенција на терен, бидејќи покрај пожарната, беа повикани и пајак служби да отстрануваат возила од терен.

Во врска со овој проблем се обративме до командирот на противпожарната бригада Ѕзвонко Томевски, кој потврди дека голем проблем се неправилно паркираните автомобили.

„Факт е дека имаме проблем да интервенираме на терен на места каде што се непристапни поради големиот број паркирани возила, особено кога се работи за згради. Проблемот е во непрописното паркирање, бидејќи се губи време за да се интервенира на одреден објект“, изјави Томевски.

 

Во врска со овој проблем се обративме и до општина Центар, кои се оградуваат од одговорност за неправилно паркираните автомобили.

„Долж улицата 29-ти Ноември, на потегот покрај оградата на објектот на Градежен факултет, тротоарот е ограден со столпчиња поставени од страна на општина Центар, при што зонско паркирање тука нема. Затоа, за непрописно паркираните коли на коловозот на ул.29-ти Ноември, општината нема надлежност и истите треба соодветно да бидат санкционирани од страна на МВР“, рекоа од општината во врска со пожарот на Градежен.

 

НЕПРИСТАПНОСТА НА ТЕРЕН Е ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ

 

Додека институциите ја префрлуваат одговорноста, ќе потсетиме на примери каде поради несовесноста на возачите, пожарникарите имале проблем да пристапат до одреден објект. Во февруари годинава гореше зграда на улицата „9мај“, а пожарникарите не можеа да пристапат на терен, токму поради неправилно паркираните автомобили. Во јуни 2015 година изби пожар во куќа во близина на „Димитар Влахов“, а пајак службата повторно интервенираше на терен за да ги отстрани возилата од тесната уличка која водела до куќата.

УРБАНИОТ ХАОС ВО ДЕБАР МААЛО

 

Ние решивме да направиме мала прошетка низ Дебар Маало, населба која важеше за една од поубавите во централното градско подрачје, но со урбанизацијата, целосно го промени ликот, бидејќи на секој чекор се градат нови објекти со што дополнително се зголемува проблемот со неопходноста на паркинг места за автомобили. На делови од населбата има еднонасочни тесни улички кои исто така се зафатени од паркирани автомобили, а кои во случај на интервенција на пожарникарите, како и амбулантите возила, повторно би имале морале да бараат помош од пајак службата и би губеле драгоцено време.

Слични вести