Најнови вести

Кој друг ако не Балканците: Трикот за влез во Европа низ задната врата стана официјална дипломатија

12 октомври 2017, 07:30 | Гоце Трпковски
Кој друг ако не Балканците: Трикот за влез во Европа низ задната врата стана официјална дипломатија
Балкан

Тоа што порано се сметаше за изигрување на правилата на ЕУ, веќе стана толку вообичаена пракса што за неа се дискутира на највисоко ниво

 

Не е вообичаено, ниту соодветно, за еден претседател на држава да пробува да им олесни на своите граѓани да станат државјани на друга држава. Но токму тоа вчера го направи косовскиот претседател Хашим Тачи. На гости кај Тачи во Приштина е претседателот на Албанија Илир Мета. Косовскиот лидер се обиде да ја искористи шансата и да побара од албанскиот колега да им се признае на косовските граѓани правото на албанско државјанство, за да можат да патуваат без визи во Европа. Мета, иако ја критикуваше политиката на ЕУ кон Косово во врска со одолжената визна либерализација, сепак одговори дека тоа не е вистинско решение.

Понудата на Тачи е во стилот на она за што западните медиуми како „Телеграф“, „Шпигел“ и другите пишуваат веќе десетина години наназад, нарекувајќи го „влегување во Европа низ задната врата“. Во нивните текстови тие најмногу се осврнуваат на Бугарија и на Романија, кои им издаваат пасоши на граѓаните на Македонија, односно на Молдавија, и на тој начин им овозможуваат да влезат во Европската унија иако нивните матични држави се надвор од неа. Секако, бугарските и романските пасоши се многу повредни од албанскиот, бидејќи со нив се добива многу повеќе од безвизно патување, се станува полноправен жител на ЕУ. Сепак, и овде практично станува збор за истата појава.

 

САМО КОСОВО ОСТАНА СО ВИЗИ

 

Косово е единствената држава на Балканот чии граѓани немаат право на безвизно патување во земјите на Европската унија, поточно на Шенген-зоната. Тие и натаму чекаат во редици пред амбасадите.

Проблемот кај Косово е демаркацијата на границата со Црна Гора. Граничната линија е утврдена со договор, но косовскиот парламент и натаму не го ратификува. Ова е едно од најжешките прашања на косовската политичка сцена бидејќи поголем број партии и граѓани се против договорот за демаркација, за кој тврдат дека одзема осум километри од територијата на Косово. Од друга страна ЕУ настојува прашањето за границата да се затвори како услов за да се укинат визите и за Косово.

За Албанија, од друга страна, визите за влез во ЕУ беа укинати во 2010 година, една година по Македонија. Магазинот „Балкан Инсајт“ тогаш пишуваше дека уште во првата недела по отстранувањето на визниот режим, се зголемил бројот на косовски државјани што барале албански пасош.

 

ИЛЈАДНИЦИ ЧЕКААТ БУГАРСКИ ПАСОШ

 

Според последните информации од бугарските власти, во последните пет години над 60.000 странски државјани зеле бугарско државјанство врз основа на потеклото. Оваа информација ја откри министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа не кажа колкумина од нив биле од Македонија, но се смета дека граѓаните на нашата земја се најбројни.

Пред само три недели, пак, бугарскиот вицепремиер Валери Симеонов откри дека околу 53.000 граѓани од Македонија чекале бугарско државјанство и затоа властите планирале да ја скратат процедурата на шест месеци, бидејќи таа сега траела две до три години.

Бугарските пасоши во Македонија најчесто се земаат од економски причини. Со нив жителите од осиромашените градови, особено на истокот, бараат вработување во Италија и во други земји.

 

РОМАНСКИ ПАСОШИ ЗА ПОЛОВИНА МИЛИОН МОЛДАВЦИ

 

Молдавија, која до 1991 година беше советска република, често се опишува како најсиромашната држава во Европа. Се проценува дека од нејзините три милиони жители, околу 500 илјади зеле романски пасош откако Романија стана членка на Европската унија, а потоа заминале од земјата во потрага по работа во Западна Европа.

Молдавија има аспирации да стане членка на Европската унија, но засега нема ниту кандидатски статус. Прорускиот регион Придњестовје (Транснистрија), северно од реката Дњестар, бара да се отцепи од земјата и молдавската држава практично не функционира таму, што е пречка во приближувањето кон ЕУ. Повеќе политички партии и од Романија и од Молдавија се залагаат за обединување на двете земји, што би било и припојување на Молдавија кон Европската унија.