Најнови вести

Промоција на стихозбирката „Трнот е во надежта“ на Тања Кармзова-Костиглиола

02 ноември 2017, 18:14 | Newsroom
Промоција на стихозбирката „Трнот е во надежта“ на Тања Кармзова-Костиглиола
Култура

Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица вечерва ќе биде промовирана стихозбирката „Трнот е во надежта“ на Тања Кармзова-Костиглиола.

Ова е трета книга на авторката, која во 2007 година ја објави првата збирка „Распетие на душата“. Минатата година беше објавена нејзината книга „Кутија со солзи“.

За „Трнот е во надежта“, рецезентката проф.д-р Ана Витанова Рингачева, ќе забележи дека се стихови од камерната сцена на животот, како дефинирани изблици емоција до кои авторката, на читателите им дозволува ексклузивен пристап.

„Оваа поезија невозможно е да ја читате пред голем аудиториум, таа тогаш би се изгубила некаде во етерот, би се раздала по пат, би ја разграбиле оние од првите редови. Оваа поезија бара камерна сцена, интимен простор низ кој би циркулирала и повторно како ехо би се вратила да ја вознемирува рамнодушноста на читателите. Така е бидејќи и таа самата и припаѓа на таа сцена, на сцената на животот на која се сакаме и мразиме, на која водиме љубов, на која сме верни и неверни, љубени и љубовници, жени, дами и госпоѓи3, рече проф.д-р Рингачева.

Според неа, нагласувањето на женскиот принцип (не е од феминистички побуди на критичарот) е секако во функција на потребата да се издели оваа поезија како парче од целината која се нарекува женско поетско писмо.

Тања Кармзова–Костиглиола по потекло е од струмичкото село Дабиле. Таа е фармацевтски техничар и веќе девет години живее и работи во Париз со синот и со сопругот. Книгата „Трнот е во надежта“, на латински „Spes est spinam“, на 4 ноември, ќе се промовира во Скопје, а е во издание на „Матица“.